Wednesday, January 2, 2013

Рециклирање на хартија


Што е рециклирање?


Рециклирањето е процес на преработка на продуктите што се наоѓаат во отпадот, при што тие служат како суровини за производство на нови продукти. На тој начин се забавува исцрпувањето на суровините присутни во природата. При производството на предмети добиени од секундарни суровини, се трошат помали количества енергија отколку што би се потрошиле при добивање на производите од примарни суровини, што го прави рециклирањето енергетски ефикасен процес. Речиси половина од отпадот што го создаваме може да се рециклира. 30% од лушпите од зеленчукот и од другиот органски отпад што го фрламе, може да се
компостира.

Новите технологии постојано го подобруваат квалитетот и дизајнот на рециклираните материјали, а подобрувањата на производствените процеси резултираат во производство на голем број рециклирани производи. На пример, рециклираната хартија денеска е со слични карактеристики како и висококвалитетната хартија произведена од примарни суровини и може да се употребува на ист начин во принтерите и фотокопирите.

 
Процесот на рециклирање како целина е завршен кога купуваме производи направени од рециклирани материјали, со што придонесуваме за понатамошното стимулирање на овој процес и помагаме во затворањето на кружниот тек на материјата.          

10 начини како да штедиме електрична енергија





  • Еден од најголемите потрошувачи во домот е рерната. Вклучувајте ја само кога е неопходно. Значително помалку енергија ќе се потроши ако се користи ринглата а не рерната.
  • Машината за перење е исто така еден од поголемите потрошувачи на електрична енергија во домот. Доколку е делумно наполнета за истата енергија ќе испере помалку облека. Исто така денес е возможно со помош некои детергенти да се пере и на пониски температури што би значело помала потрошувачка на енергија.
  • Добар дел од работите што важат за машината за перење на алишта важат и за машината за перење на садови. Таа треба да се пушта во употреба само кога е целосно наполнета. Исто така доколку има опција за кратко и економично миење треба да се одбере таа опција.
  • Системот за греење. Доколку системот за греење е опремен со термостат треба да биде поставен на околу 20 степени. Навечер доволно е да биде на околу 15 до 17 целзиусови степени со што би се генерирарала дополнителна заштеда. Така, на тој начин наутро за кратко време системот за греење би постигнал 20 степени.
  • Не го оставајте мониторот или компјутерот на “stand by” или пуштени кога не се во употреба. Со самото тоа тие трошат енергија речиси исто како да ги работите.
  • Фрижидерот треба да биде поставен на ладно место подалеку од каков било топлински извор. Кога се вели топлински извор се мисли на шпорет, печка или слично. Исто така, пожелно е да не биде изложен на сончево зрачење.
  • Користете ја топлата вода од бојлерот рационално. Пожелно е кога еднаш се загрее бојлерот, што повеќе луѓе да ја искористат водата во побрз временски период. Што повеќе се чека, толку бојлерот повеќе би се изладил и би морало повторно да се вклучува за да се загрева. Со оглед дека бојлерите имаат минимум грејачи од 3 kw тогаш повеќе од јасно е за колкава заштеда станува збор.
  • Внимавајте на осветлувањето и дали е потребно да биде вклучено во некоја просторија или не. Често пати децата или тинејџерите не внимаваат и оставаат вклучени светилки без разлика што тие не се во собата. Свртете им внимание на тој факт и укажете им на важноста на тоа.
  • При готвење исклучете ја рерната или ринглата 5 минути порано. Речиси секогаш тие се доволно загреани и имаат акумулирано доволна топлина за да се доврши јадењето. Така, по 5 минути заштеда од секој зготвен оброк речиси секој ден би се направило голема заштеда на сметката за електрична енергија.
  • Не го оставајте премногу време фрижидерот отворен. На секој фрижидер му требаат повеќе од 3 минути за да ја достигне саканата температура ако се држи отворен една минута.